Лајонс клуб Вардар и Математичко-информатичката гимназија (МИГ) ги здружуваат силите во служба на заедницата и младите таленти

Денес, Лајонс клуб Вардар Скопје и Математичко-информатичката гимназија (МИГ) – Скопје официјално ја запoчнаа својата соработка со потпишување Меморандум за соработка. Овој чекор претставува значајна синергија меѓу хуманитарната мисија на Lions Clubs International и една од најпрестижните образовни установи за талентирани ученици во нашата земја.

Соработката ќе биде насочена кон реализација на заеднички едукативни, еколошки и хуманитарни иницијативи, поддршка на младите таленти во нивниот личен и професионален развој, како и промоција на волонтерството и општествената одговорност. Преку поддршка на иновативни проекти, еколошки акции и работилници за заштита на здравјето, двете организации ќе овозможат нови можности за учениците и позитивен импакт во заедницата.

За значењето на ова партнерство, Претседателот на Лајонс клуб Вардар, Дражен Котески, истакна:

„Вистинската сила на хуманоста е во здружувањето на визијата и делувањето. Со потпишувањето на овој меморандум со Математичко-информатичката гимназија, добиваме искрен партнер во нашата мисија под мотото ‘Ние служиме’. Верувам дека преку поддршка и соработка со овие талентирани млади луѓе, нивните знаења и дигитални вештини, заедно ќе поттикнеме многу позитивни промени и ќе создадеме нови можности за заедницата.“

Директорката на Математичко-информатичката гимназија, Дијана Петрова, го нагласи значењето на хуманитарните и општествените вредности во образованието:

„Како гимназија посветена на врвни достигнувања, наша одговорност е покрај академското знаење да градиме и совесни, општествено одговорни граѓани. Партнерството со Лајонс клуб Вардар за нашите ученици значи можност директно да се вклучат во хуманитарни и еколошки иницијативи, да го развиваат својот лидерски потенцијал и да дадат свој придонес кон подобро општество. Со овој меморандум ќе одговoриме и на новата гимназиска концепција во која е предвидена и општествено корисна работа“

Со овој Меморандум, Лајонс клуб Вардар уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон градење стратешки партнерства со образовни институции кои ги споделуваат истите хуманитарни и етички вредности.

Scroll to Top