Лајонс клуб Вардар и ЈУОДГ „Орце Николов“ ги здружуваат силите за посреќно детство и поздрав развој на најмладите

Денес, Лајонс клуб Вардар Скопје и ЈУОДГ „Орце Николов“ – Скопје официјално ја ја иницираа својата соработка со потпишување Меморандум за соработка. Овој чекор претставува значаен спој помеѓу хуманитарната мисија на Lions Clubs International и една од најреномираните установи за предучилишно воспитание и образование во нашата заедница.

Партнерството ќе биде насочено кон спроведување на хуманитарни иницијативи, со посебен акцент врз превенцијата и заштитата на здравјето на децата. Преку превентивни програми, како што е бесплатниот скрининг на видот кај децата од предучилишна возраст – проект од глобално значење за Lions Clubs International и преку еколошки акции за уредување на училишните дворови и хуманитарни активности, двете организации ќе овозможат подобри услови за правилен раст и развој на најмладите.

За значењето на ова партнерство, Претседателот на Лајонс клуб Вардар, Дражен Котески, истакна:

„Нема поблагородна вредност од грижата на најмладите. Со потпишувањето на овој меморандум со детската градинка „Орце Николов“, започнуваме соработка со партнер кој со огромна љубов и посветеност се грижи за нашата иднина. Уверени сме дека заедно ќе создадеме посигурно и поздраво опкружување за дечињата.“

Директорката на ЈУОДГ „Орце Николов“, Надица Гировска, го нагласи значењето на хуманитарната соработка за предучилишното воспитание:

„Воспитно-образовниот процес во градинките не опфаќа само грижа и учење, туку и градење на здрави навики, хуманост и свест за заедницата од најрана возраст. Соработката со Лајонс клуб Вардар за нашата установа е можност за дополнителна заштита на здравјето на нашите дечиња, како и реализација на убави, еколошки и хуманитарни проекти кои ќе го збогатат нивното секојдневие.“

Со овој Меморандум, Лајонс клуб Вардар ја продолжува својата заложба за градење стратешки партнерства со образовните и воспитните установи, придонесувајќи за подобрување на квалитетот на животот во локалната заедница.

Scroll to Top