Лајонс клуб Вардар и ООУ „Лазо Трповски“ ги здружуваат силите за едукација и поддршка на младите

Денес, Лајонс клуб Вардар Скопје и Општинското основно училиште „Лазо Трповски“ – Скопје официјално ја запoчнаа својата соработка со потпишување Меморандум за соработка. Овој чекор претставува значаен спој помеѓу хуманитарната мисија на Lions Clubs International и една од образовните установи во нашата заедница.

Соработката ќе биде насочена кон реализација на заеднички едукативни, еколошки и хуманитарни иницијативи, со посебен акцент врз развивањето на хуманитарните вредности, волонтерството и грижата за животната средина кај учениците. Преку различни активности двете организации ќе овозможат нови можности за учениците и позитивени промени во локалната заедница.

За значењето на ова партнерство, Претседателот на Лајонс клуб Вардар, Дражен Котески, истакна:

„ Со потпишувањето на овој меморандум со ООУ „Лазо Трповски“, добиваме искрен партнер во нашата мисија под мотото „Ние служиме“. Верувам дека преку поддршка на младите, нивната едукација и градењето на еколошка свест, заедно ќе поттикнеме позитивни промени и ќе создадеме подобро место за живеење и работа за децата.“

Директорката на ООУ „Лазо Трповски“, Христина Ристевска, го нагласи значењето на хуманитарните и општествените вредности во образовниот процес:

„Како училиште посветено на квалитетно образование, наша одговорност е покрај наставната програма да градиме и совесни, хумани и општествено одговорни млади луѓе. Партнерството со Лајонс клуб Вардар за нашите ученици значи можност директно да се запознаат и да се вклучат во корисни еколошки и хуманитарни проекти, да ги развиваат своите животни вештини и да придонесат кон заедницата.“

Со овој чекор, Лајонс клуб Вардар ја продолжува својата посветеност кон градење стратешки партнерства со образовните институции во Скопје кои ги споделуваат истите хуманитарни и етички вредности.

Scroll to Top